Српскиот бизнисмен Мишковиќ осуден на пет години затвор за затајување данок

26

miskovic

Специјалниот суд во Белград вчера го осуди Мирослав Мишковиќ, сопственик на Делта Холдинг и вториот најбогат човек во Србија за 2014 година според Forbes, на пет години затвор и 65.000 евра парична казна затоа што му помогнал на синот Марко да затаи данок од околу три милиони евра. Судот го ослободи Мишковиќ од обвинението дека извлекувал пари од претпријатија за патишта.

Марко Мишковиќ на 25 февруари беше осуден на 3,5 години затвор и 65.000 евра парична казна поради затајување данок, со обрска неговата компанија Мера инвест да плати данок од околу три милиони евра, но исто како и татко му, ослободен е од обвинението за извлекување пари од претпријатија за патишта, јавува РТС.

По соопштувањето на пресудата, компанијата Делта холдинг соопшти дека Мишковиќ ќе ги брани своите права, што подразбира враќање на патната исправа, ослободување на неговиот замрзнат имот вреден преку 40 милиони евра и враќање на положената кауција од 12 милиони евра.

Мирослав и Марко Мишковиќ беа приведени во декември 2012 година, а по неколкумесечен престој во притвор, беа пуштени да се бранат на слобода.