ССК: Кинескиот пазар како потенцијал за македонските компании

28

 

sojuz na stopanski komori na makedonija

Сојуз на стопански комори на Македонија изминатата година присуствуваше на самит на шефовите на владите на земјите од Централна и Источна Европа, којшто се одржа во Суџоу, НР Кина и кој отвори нови можности за македонските компании за соработка, зделки и пристап до кинескиот пазар, што се од корист за целото стопанство.

Дополнително, во рамки на официјалната посета на Кина, претседателот на ССК, Данела Арсовска, оствари средба со All-China Federation of Industry and Commerce (ACFIC), најмоќната комора во оваа земја, која има над 4 милиони членови, а на средбата потпишаа и Меморандум за соработка, со којшто се официјализира договор за конкретен проект и директен пристап на најголемиот азиски пазар за македонските компании. Со потпишувањето на овој договор се овозможи зголемување на извозот и промоција на извозно ориентирани компании во Кина, како и полесен пристап на потенцијалните кинески компании кои својот интерес за инвестирање го гледаат во Република Македонија.

Во насока на продлабочување на соработката и создавање на конкретни можности за промоција на македонските производи на кинескиот пазар, Сојуз на стопански комори на Македонија соработувајќи со Министерството за трговија на НР Кина, спроведува активности за учество на Саемот за инвестиции и трговија во Нингбо, НР Кина, што ќе се одржи од деветти до 12-ти јуни 2016 година, во Меѓународниот изложбен центар Нингбо. Можностите за извоз се во следните сектори: прехранбена индустрија, фармацевтска индустрија, ИТ секторот, производство на алкохолни и безалкохолни пијалаци и високотехнолошки производи.

Саемот за инвестиции и трговија во Нингбо претставува меѓународен настан кој ги обединува можностите за инвестирање на компаниите но и за остварување на конкретна трговска соработка со компании од НР Кина и компании од Централна и Источна Европа (ЦИЕ), преку прикажување на повеќе од 3.000 видови на производи, од различни бизнис сектори и каде ќе присуствуваат компании од 16 земји од ЦИЕ заедно со 45 бизнис делегации на посетители. Во рамки на саемот, покрај можноста за посета на илјадници изложувачи од НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, ќе се одржи и Инвестициски форум на кој учество ќе земат компании и претставници од НР Кина и земјите од ЦИЕ и на кој ќе можат и македонски компании да присуствуваат, а дополнително ќе имаат можност и да учествуваат на конференции, форуми, како и културни манифестации.

Врз основа на потпишаниот договор за соработка помеѓу ССК и Меѓународниот изложбен центар Нингбо, организаторот на саемот за компаниите членови на ССК овозможи повеќе поволности како на пример: бесплатен стандарден штанд, бесплатен транспорт од аеродром до хотел, бесплатен локален транспорт и ручек за време на саемот, како и бесплатен превод на англиски јазик, а исто така, Сојуз на стопански комори на Македонија асистира и при логистичка поддршка на компаниите.

Дополнително, за времетраењето на саемот ќе се отвори првиот македонски дегустациски изложбен простор, кој се наоѓа веднаш до саемот во Нингбо, и ќе биде функционален цела година.