ССК: На Македонија ѝ се потребни технолошки паркови

22

Македонија има потреба за отворање на технолошки паркови, сметаат од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

“Доминација добива знаењето и иновативноста за сметка на суровините, енергијата и физичката работна сила. Со примената на нови технологии: микроелектроника, оптичка електроника, биотехнологија, нано материјали, автоматизација, ИТ, генетски инженеринг, се менува начинот на производство, се подобрува квалитетот на производите, се зголемува продуктивноста на трудот, се намалуваат трошоците за производство, и се придонесува кон поздрава животна средина. Сметаме дека треба напорите да ги насочиме кон етаблирање на вакви паркови во нашата држава, кои ќе претставуваат средина која ќе привлекува домашни и странски инвестиции“,  рече извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Технолошки парк е област планирана за целите на индустрискиот развој на државата и обично се наоѓаат на границите од главната населена средина во градовите или надвор од неа. Тие се обезбедени со добар транспортен пристап, вклучувајќи патишта и железнички пруги, а исто така се снабдени со одлична мрежна интернет конекција.

Технолошките паркови се важни за опстанок и развој на современите индустрии. Нивниот развој за македонското стопанство е од посебна важност, затоа што ги поттикнува малите и средни компании ориентирани кон високи технологии, го забрзуваат процесот на современото претприемништво, го овозможуваат растот и развојот на старт ап бизнисите, и допринесуваат за стопански развој базиран на знаење. Сето тоа ќе води до зголемен економски раст, зголемен извоз, намалување на невработеноста и повисок животен стандард.

Технолошките паркови во светот се двигатели на економиите во државите, и својствено за истите е фактот дека во секој парк, се стационирани моќни технолошки компании, коишто регрутираат работници од сите профили. Дополнително, технолошките паркови во Европа имаат поволни даночни ослободувања, привлекувајќи странски и домашни инвестиции водат кон поголем економски развој, креираат нови работни места, и  го зголемуваат БДП на секоја држава. Една од предностите на технолошките паркови е ослободување од царина за увоз на стоки наменети за капитални инвестиции.

Технолошките паркови претставуваат почетен стимул за сузбивање и надминување на т.н технолошки конзерватизам и инерција. Реструктуирање на постојните капацитети е сложен, тежок и долготраен процес, кој наидува на отпор од веќе постоечките технологии, стари кадри и воспоставените деловни односи. Со воспоставувањето на вакви технолошки паркови, Македонија ќе биде забележана како држава која вложува во своите капацитети и држава која цели кон привлекување на странски и домашни инвестиции, за унапредување на деловната клима, и обезбедување на посигурна иднина на граѓаните.