ССК: Нови договори за зајакнување на македонско – турскиот бизнис

14

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) продолжува да ја зајакнува соработката со компаниите и бизнис организациите од Република Турција.

За време на престојот на делегацијата на ССК на 83. Интернационалниот Саем во Измир, Претседателот на ССК, Данела Арсовска потпиша Меморандуми за соработка со Претседателот на Конфедерацијата на бизнисмените и индустријалците на Турција – ТУСКОН, Ризанур Мерал и со Претседателот на Асоцијацијата на бизнисмени ТУМСИАД, Измир, Мехмед Цејлан.

На бизнис средбата помеѓу ССК и делегацијата на ТУСКОН, најмоќната бизнис организација во Турција со претставништва ширум светот, беше истакнато дека најголем интерес за инвестиции и зацврстување на македонско-турската соработка постои во секторот градежништво. За таа цел, во октомври годинава се очекува бизнисмени од Турција да ја посетат нашата земја, а во ноември нашите компании ќе имаат можност да се претстават на бизнис форум во Измир, Турција.

На средбата со бизнисмените од ТУМСИАД се разговараше за можностите за соработка помеѓу македонските и компаниите од Турција, во текстилната и кондиторската индустрија. До крајот на престојот на делегацијата на ССК во Измир, претстои потпишување на Меморандум за соработка и со Асоцијацијата на млади бизнисмени на Турција, ТУГИАД.

Сојузот на стопански комори на Македонија заедно со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија од 29 август до седми септември  годинава,  учествуваат на 83. Интернационален Саем во Измир, Турција.