ССК во Јапонија: Можност за нови бизнис партнерства

20

Делегација на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), предводена од претседателката Даниела Арсовска и претставници на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија се во работна посета на Јапонија.

Целта на посетата е да се разгледаат можностите за зголемување на трговската размена, соработка на компаниите од двете земји, како и реализирање на конкретни проекти преку Јапонија кон целиот азиски пазар.

“Остваривме средба со владината Аичи Организација за промоција на индустријата како и со јапонската Асоцијација за стопанство и индустрија, разговаравме за можностите за унапредување на економската соработка, трговската размена и соработка на полето на инвестициите. Во следните денови ќе оствариме и средба со неколку јапонски компании, кои веруваме дека ќе ни пренесат знаење, искуства и ќе ги презентираат најновите технолошки достигнувања и импресивните резултати постигнати на полето на роботиката, електрониката, како и во делот на автомобилскиот сектор“, изјави Арсовска.

Таа додаде дека има интерес кај јапонските компании за нашата земја. Јапонија е членка на Г8, а тука се наоѓаат дури 62 и од 500-те најголеми и најпрофитабилни светски корпорации.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната трговска размена меѓу Македонија и Јапонија во 2013 година изнесува 57,13 милиони долари. Во првите три квартали од 2013 вкупната трговска размена изнесувала 40,85 милиони долари, а во првите три квартали од 2014 изнесувала, 45,13 милиони долари. Во поглед на застапеноста на производите во размената, во структурата на извозот застапени се машини со посебни функции. Во увозното салдо, најголемо учество имаат: електрични машини и апарати за широка потрошувачка, облека и обувки, машини за индустрија, текстилни предива и суровини, прехранбени производи, мотоцикли.