ССМ бара минимална плата од 500 евра и покачување на сите плати за 6.000 денари

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го доби решението за репрезентативност и на претстојната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ќе го актуализира прашањето за минимална плата од 500 евра и за дополнително зголемување на сите останати плати за 6 000 денари.

“Утре е добра можност Владата да покаже дека се грижи за работниците, а пратениците пред распишување на локалните избори да донесат брзи законски измени и да утврдат минимална плата од 500 евра,” изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Како што потенцираше Трендафилов, синдикалната минимална кошничка пресметана од ССМ лани е зголемена за 6 500 денари, а оваа година само делот за храна и пијалаци од завршувањето на последната мерка пораснал за 2 000 денари, или за 150 евра се зголемени животните трошоци за едно четиричлено домаќинство.

Според него, аргументите на Владата дека работниците и работодавачите треба да седнат и да се договорат за зголемување на минималната плата веќе не се валидни.

Повикувајќи се на Евростат, Трендафилов нагласи дека 55,7 отсто од работниците и граѓаните во земјава не можат да си дозволат годишен одмор ниту седум дена во бунгалов во Дојран и тоа, рече, треба да ги загрижи креаторите на политиките.

Минималната плата од 400 евра во Македонија, рече Трендафилов, е пониска од онаа во Србија, Црна Гора, БИХ, Словенија и Хрватска. “Владите во регионот им даваат поддршка на работниците, тоа треба да го направи и Владата во Македонија,” порача Трендафилов.