Статистика: Доминираат фирмите со помалку од 10 вработени

26

firma-vraboteni-pixabay

Фото: Pixabay

Микропретпријатијата со помалку од 10 вработени доминираат (90,3%), а речиси половината од нив се од областа на трговијата во 2016 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Со ангажирани 32,8% од вкупно вработените, овие компании создале 22% од вкупната додадена вредност. Од друга страна, во големите претпријатија (0,3%), главно од секторот Преработувачка индустрија, се ангажирани 24,1% од вкупниот број вработени, остварени се 34,2% од вкупната додадена вредност во рамки на деловниот сектор.

Деловните субјекти, во рамки на структурните деловни статистики, во 2016 година реализираа 3% поголем промет и 7% зголемена додадена вредност во однос на претходната година.

Вкупно 55.308 предоминатно пазарно ориентирани деловни субјекти со ангажирани 375.129 вработени лица остварија вкупен промет од 1.107.197.000.000 денари и додадена вредност од 246.489.000.000 денари.

Најголемиот дел од претпријатија му припаѓаат на секторот Трговија на големо и на мало (41%), во којшто со ангажирани 26% од вкупно вработените и се реализира 42,9% од вкупниот промет, односно 24% од вкупната додадена вредност.

Најголем дел од вработените се ангажирани во секторот Преработувачка индустрија – 30,6%, во којшто се создава 26,4% од вкупната додадена вредност. Значително учество во додадената вредност имаат и секторите Градежништво 11,1%, Транспорт и складирање 8,6% и Снабдување со електрична енергија, гас и пареа 7,1%.