Статистика: Најмногу претпријатија во Македонија се занимаваат со трговија

21

Секторот трговија на големо и мало во текот на 2014 година има најголемо учество вкупниот број на претпријатија во земјата (43%), покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Секторот Трговија на големо и на мало има најголемо учество во вкупниот број на претпријатија, 43%, ангажира 26,2% од вкупно вработените и реализира 43,7% од вкупниот промет.

Во рамките на структурните деловни статистики се анализирани 53.749 деловни субјекти со 353.312 вработени лица, во кои е остварен вкупен промет од 1.012.301 милиони денари и е создадена додадена вредност од 213.205 милиони денари.

Секторот Преработувачка индустрија, иако учествува со 13,2% во вкупниот број на претпријатија, ангажира најголем дел од вработените, 30,7%, кои, пак, реализираат 25,2% од вкупниот промет.

Во вкупната додадена вредност, пресметана според факторот на трошок, во 2014 година, најголемо учество имаат претпријатијата од секторот Преработувачка индустрија (26,7%) и од секторот Трговија на големо и на мало (23,6%).

Во однос на големината, во 2014 година преовладуваат микро претпријатијата со помалку од 10 вработени (90,7%). Во нив се ангажирани 32,9% од вкупно вработените кои, пак, создале 22,9% од вкупната додадена вредност.

Од друга страна, во големите претпријатија (0,3%) се ангажирани 25% од вкупниот број на вработени со остварени 34,8% од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор.