Статистика: Преовладуваат микропретпријатија со помалку од 10 вработени

52

butik-za-obleka-pixabay

Фото: Pixabay

Според дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика, во 2015 година, во рамките на структурните деловни статистики се анализирани 54.738 деловни субјекти со 369.237 вработени лица, во кои е остварен вкупен промет од 1.075.007 милиони денари и e создадена додадена вредност од 230.424 милиони денари.

Во однос на претходната година, забележан е пораст на прометот за 6,2% и на вкупната додадена вредност за 8,1%.

Најголем пораст е забележан во секторот Градежништвото (прометот 17,7%, додадената вредност 19,8%).
Најголем дел од претпријатијата припаѓаат на секторот Трговија на големо и на мало (41,8%) каде што со ангажирани 25,7% од вкупно вработените и се реализирани 42,4% од вкупниот промет, односно 23,6% од вкупната додадена вредност.

Најголем дел од вработените (30,7%) се ангажирани во секторот Преработувачка индустрија во кој се создадени 26% од вкупната додадена вредност. Сепак, од не помало значење е и учеството во додадената вредност на секторите Градежништво (10,3%) и Транспорт и складирање (9,1%).

Во однос на големината, во 2015 година преовладуваат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (90,4%), од кои најголем дел се од областа на трговијата. Со ангажирани 32,5% од вкупно вработените, создале 21,9% од вкупната додадена вредност. Од друга страна, во големите претпријатија (0,3%), главно од секторот Преработувачка индустрија, се ангажирани 25,6% од вкупниот број на вработени, со остварени 35,5% од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор.