Стопанска банка Битола ќе издава корпоративна обврзница

22

stopanska banka bitola

Собранието на акционери на Стопанска банка Битола донесе предлог одлука за издавање на долгорочни должнички хартии од вредност (корпоративна обврзница) по пат на јавна понуда.

Оваа прва емисија на обврзници по пат на јавна понуда, според предлог одлуката, ќе биде во износ од пет милиони евра. Издадената корпоративна обврзница ќе се користи за зголемување на капиталот на банката.

Долгорочната обврзница ќе биде со каматен принос, неограничено пренослива, во нематеријален облик и ќе гласи на име. Номиналната вредност на оваа корпоративна обврзница ќе биде едно евро.

Каматната стапка ќе изнесува од 3,25% до 4,25%, а истата ќе биде фиксирана пред да се понудат за продажба во согласност со условите на пазарот. Исплатата ќе биде еднаш годишно во денарска противвредност на денот на уплатата. Првата исплата на камата ќе започне на 31-ви мај следната година, а ќе заврши заклучно со 31-ви мај 2021 година. Главницата ќе се исплати во целосен износ заедно со последната исплата на каматата, односно по истекот на пет години и еден ден од датумот на настанатиот прилив на парични средства во банката врз основа на овие хартии од вредност.

Основната главнина на банката е 1.172.931.000 денари, а обврзницата во основната главнина ќе учествува со 26,30%. Обврзницата ќе се отплаќа од добивката на банката, односно од резервите и акумулираната добивка.

“Со реализација на издавањето на должнички корпоративни обврзници, банката ќе го зголеми дополнителниот капитал, а истовремено ќе постигне и зајакнување на сопствените средства во противвредност од пет милиони евра во наредните пет години, со што банката планира да ги оствари планираните бизнис цели утврдени во Деловната политика, развојниот и финансискиот план за период од 2016 до 2020 година“, стои во Образложението кон предлог одлуката за издавање на долгорочни должнички хартии од вредност по пат на јавна понуда.