Стопанска банка минатата година ја заврши со добивка од 2,7 милијарди денари

28

Стопанска банка минатата година ја заокружи со добивка вредна 2.746.346.000 денари, покажува билансот на успех, објавен на Македонска берза.

Претходната 2017 година, банката прикажа добивка од 2.044.120.000 денари.

“Во периодот од први јануари до 31-ви декември, Стопанска банка АД Скопје оствари нето добивка за финансиската година во износ од 2.746.346.000 денари, што претставува зголемување за 34,4% споредено со нето добивката остварена во 2017 година. Зголемениот резултат се должи на успешното редовно работење, пред сè на зголемените нето приходи од камата, како и на нето приходи од провизии и надоместоци. Една од причините која има значително влијание на зголемениот резултат се должи и на ефектот од решениот статус на должникот Фени Кавадарци, кој во текот на 2017 година се соочи со влошување на состојбите, поради што банката имаше потреба од издвојување на исправка на вредност“, стои во Анализата на финансиските извештаи.

Нето приходите од камати изнесуваат 3.827.100.000 денари, како што се наведува, се зголемени за 4,1% во однос на истиот показател од 2017 година, при што приходите од камати забележаа зголемување од 1,8%, додека расходите од камата забележаа намалување од 9,4%.

Нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 1.004.159.000 денари и се повисоки за 2,3% од истите во 2017 година, како резултат на остварен пораст на нето провизиите и надоместоци од услугите.