Странците во земјава преферираат хотели со четири ѕвезди

48

Вкупно 89.312 странски туристи ја посетиле земјава во јуни, покажуваат податоците на македонската статистика. Најголемиот дел од нив или 83.298 биле сместени во хотели, а скоро половина од странците (43.688) избрале сместување во хотел со четири ѕвезди. Скоро двојно помалку, односно 25.981 странски турист одбрал хотел со пет ѕвезди, додека во хотел со три ѕвезди отседнале 20.288 странски туристи.

Од друга страна, странците во јуни најмалку биле сместувани во коли за спиење (само 75 од нив).

Најголем дел од странските туристи доаѓаат од Турција (19.066), што претставува 21,3% од вкупниот број на странци што ја посетиле земјава во јуни. Меѓу најбројните странски туристи се и оние од Србија (6.495) и Полска (6.124). Во текот на јуни, најмалку странски гости се забележани од Исланд – само 14.

Од вкупниот број на странски туристи (89.312), 37.743 го посетиле Скопје, додека за 35.276 странци привлечни биле езерските места во земјава. Најмалку странци во јуни привлекле бањските места во земјава – само 312 странски туристи.

Во периодот јануари – јуни оваа година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 4%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 5,2%, а кај странските има зголемување за 3,5%.

Во периодот јануари – јуни 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 2,1%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 1,3%, а кај странските има зголемување за 2,6%.

Бројот на домашните туристи во јуни 2019 година, во однос на јуни 2018 година, е зголемен за 15,7%, а бројот на странските туристи е зголемен за 16,9%.

Бројот на ноќевањата на домашните туристи во јуни 2019 година, во однос на јуни 2018 година, е зголемен за 7,2%, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 9,6%.

Фото: Pixabay