Светска банка за Македонија проектира економски раст од 1,5% во 2017 година

37

svetska-banka

Економскиот раст на Македонија е проектиран на ниво од 1,5% во 2017 година, додека во следните две години да биде на ниво од 3,5%, стои во најновиот редовен економски извештај за западен Балкан на Светска банка.

Земјите од западен Балкан, според Извештајот, бележат зголемување на бројот на работни места, со продолжувањето на растот во целиот регион. Регионалниот раст се очекува да достигне 2,6% во 2017 година, што доведе до создавање 230.000 работни места до јуни 2017 година – зголемување од 3,8% во однос на претходната година. Покрај големата невработеност во шесте земји од регионот, стапката на вработеност се врати на нивото пред 2008 година во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. Повеќе од половина работни места во регионот беа создадени во приватниот сектор.

Според најновиот Редовен економски извештај за западен Балкан на Светска банка (РЕИ за ЗБ), објавен денеска во Приштина, Косово, сите шест земји од Западен Балкан се очекува да забележат раст во 2017 година, со тоа што регионалниот раст е проектиран да забрза на 3,3% во 2018 и 3,6% во 2019 година. Инвестициите предизвикаа силен раст во Албанија, Косово и Црна Гора, додека пак потрошувачката придонесе за стабилен раст во Босна и Херцеговина. Неодамнешната политичка криза го потисна растот во Македонија, а истото го направи и исклучително студената зима во Србија.