Светскиот туризам изгуби 460 милијарди долари поради Ковид-19

45

Во првата половина на оваа година, поради глобалната пандемија на коронавирусот, забележани се 65% помалку меѓународни туристички патувања во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO).

Според извештајот на UNWTO, големиот пад на туристичката побарувачка за меѓународно патување помеѓу јануари-јуни 2020 година предизвика загуба од 440 милиони меѓународни пристигнувања и приход од околу 460 милијарди долари од меѓународниот туризам. Оваа бројка е приближно пет пати поголема од загубата на приходите од меѓународниот туризам забележана во 2009 година за време на тогашната глобална економска и финансиска криза.

Извештајот покажува дека Азија и Пацификот, првиот регион што ги почувствувал ефектите на пандемијата на Ковид-19 врз туризмот, биле најтешко погодени, со пад на бројот на туристи за 72% во периодот од шест месеци. Следува Европа со пад на туристите за 66%, Африка и Блискиот исток, со пад од 57% и Америка со пад од 55%.

UNWTO исто така соопштува дека 53% од дестинациите ги ублажиле ограничувањата за патување на почетокот на септември 2020 година. Зураб Пололикашвили, генерален секретар на UNWTO, подвлекува дека сега веќе е можно безбедно меѓународно патување во многу делови на светот. Тој особено ја истакнува потребата од подобра координација меѓу владите и приватниот сектор со цел повторно да се покрене и стабилизира глобалниот туризам.

Фото: Pixabay