Телеком Словеније и Телеком Австрија ги спојуваат своите подружници во Македонија – ОНЕ и ВИП оператор

21

telekom slovenije

Телеком Словеније АД денеска објави дека е договорено спојување на македонските компании ОНЕ ДООЕЛ Скопје која е дел од Телеком Словеније Групцијата со компанијата ВИП оператор ДООЕЛ Скопје, која е дел од Телеком Австрија Групацијата.

Телеком Словеније ќе поседува 45% акции од новоформираната споена компанија, додека Телеком Австрија Групацијата ќе поседува 55% од акциите. Договорот, исто така, вклучува опции за купување и продажба за излегување на Телеком Словеније од заедничкото вложување во рок од три години од затворањето на спојувањето, пишува во соопштението.

Затворањето на процесот е предмет на, меѓу другото, и финалната длабинска анализа на ОНЕ ДООЕЛ Скопје која што се очекува да заврши до средината на ноември 2014 како и на одобрување на македонските власти. Телеком Словеније АД и Телеком Австрија Групацијата планираат процесот да заврши во првиот квартал од 2015 година.

Активностите на македонскиот пазар се во согласност со бизнис планот на Телеком Словеније Групацијата за 2014 година и стратешкиот бизнис план на Телеком Словеније Групацијата за периодот 2014 – 2018 година. Телеком Словеније АД не смее да открива други детали до комплетирање на трансакцијата.

Со своите 23,6% пазарен удел и околу 528.000 корисници на мобилна телефонија и вкупно 640.000 корисници во сите сегменти во четвртиот квартал од 2013 година, ОНЕ ДООЕЛ Скопје е третиот по големина мобилен оператор и втор по големина телекомуникациски сервис провајдер во Република Македонија. Во 2013 компаниите ОНЕ ДООЕЛ Скопје и Диги Плус Мултимедиа ДООЕЛ Скопје остварија 75,5 милиони евра приходи од нето продажбата и 14,4 милиони евра ЕБИТДА.

Телеком Австрија Групацијата е присутна на пазарот во Македонија преку својата подружница ВИП ОПЕРАТОР ДООЕЛ од 2007 година. ВИП ОПЕРАТОР ДООЕЛ имаше околу 630.000 корисници на крајот на последниот квартал од 2013 и пазарен удел од 28,1%  и е вториот по големина мобилен оператор на македонскиот пазар. Приходите на ВИП ОПЕРАТОР ДООЕЛ се до 65 милиони евра и 14,7 милиони евра ЕБИТДА. Со купувањето на Близу Македонија во јули 2014 година Телеком Австрија Групацијата стартуваше со понуда на фиксни сервиси на македонскиот пазар.