Термин.мк – проверете слободен термин за свадба или роденден во игротека, резервирајте термин on line во спортските објекти

143
filip 1
Филип Стефановски, косопственик на Термин.мк

Повеќе не важи оправдувањето – немам време, бидејќи со Термин.мк многу лесно може да се направи проверка и испраќање на барање за посакуваниот слободен термин за свадба или роденденска прослава во игротека, додека за оние кои сакаат рекреативно да спортуваат, можат on line да направат резервација во понудените спортски центри.

Решавајќи свои проблеми, основачите на порталот Термин.мк, што функционира од февруари оваа година, дошле до идеја како на македонскиот пазар да понудат веб базирано решение за слободни термини, со што им заштедуваат време и пари на луѓето што се обидуваат да пронајдат слободен термин за својата свадба или славење роденден во игротека. Сите оние кои по напорниот ден би сакале да се рекреираат со своите пријатели, тоа можат да го направат многу едноставно со on line резервација на слободен термин.

Повеќе за идејата, почетокот, концептот и плановите на Термин.мк, зборува коосновачот и извршниот директор на порталот, Филип Стефановски.

БИ: Од каде идејата за отворање на порталот Термин.мк?

Идејата дојде како резултат на решение на проблем со кој се сретнува пазарот. Од друга страна, идејата решаваше и еден мој личен проблем, конкретно за спортскиот дел. Малку е потешко да се најде слободен термин на спортските места, особено во ударните термини во текот на неделата и си реков зошто да не направам нешто што го решава проблемот на крајните корисници, значително го заштедува времето, а од друга страна го нема на пазарот и е бесплатно, уникатно и единствено.

Вакво нешто слично има во Велика Британија, порталот Wedding dates и тој функционира само за свадби. Тој концепт го видов и ми се допадна, но решивме да го доработиме, прилагодиме на потребите на нашиот пазар и да го направиме поопшто, да функционира како идеја за се што работи на принципот проверка и резервација на термин, а воедно и заземање на цел простор. Така настана Термин.мк, нешто поопширно што ќе вклучи бизниси што работат на таков принцип. Решивме првично да почнеме со спорт и свадби, но кога навлегов во разработката на идејата со мојот партнер, кој е родител на две деца, решивме да ги вклучиме и игротеките како трет пазар. Сега почнуваме со развивање на четврт пазар, но ќе откриеме наскоро за што се работи.

Официјалното лансирање на сајтот беше на 20 февруари, на настан организиран во МКЦ, но целата работа започна многу порано, до таа дата веќе имавме повеќе од солидна база.

БИ: Дали луѓето имаат навика на овој начин да резервираат термин за спортски настан или да проверат слободен термин за свадба или игротека?

Со оглед на тоа што се работи за нова алатка на пазарот, не само кај нас туку и пошироко, луѓето се уште не се навикнати и се скептични, но сите ја поздравуваат идејата. Досега не може да се пофалиме со некоја преголема цифра на испраќање на барања и онлајн резервации. Корисниците најчесто го проверуваат терминот и целата работа ќе ја довршат традиционално, како што ја правеле досега. Од друга страна, јас сум задоволен од таа бројка на онлајн резервации и барања што се испратени досега. Финален заклучок е дека луѓето полека се привикнуваат кон овој начин. Ние сме оптимисти, бидејќи времето работи за нас и овие млади генерации, кои се потенцијални корисници на нашите услуги се веќе 24/7 на телефон, па затоа подготвуваме и мобилна апликација која се надевам дека наскоро ќе биде готова. Развиваме и дополнителен модул кој очекуваме да биде готов за еден месец, со кој ќе ги мотивираме и стимулираме нашите корисниците целата работа да ја прават on line.

termin 3

БИ: За што има најголем интерес – за свадба, игротека или спорт?

Најголем интерес има за свадбите, за кои всушност имаме и најголема база на локации. Моментално за Скопје има 24 локации, три од Охрид и една од Радовиш, што значи Скопје е скоро целосно покриено и на нашата апликација можат да се најдат најголем дел од рестораните што организираат свадби. Солиден интерес има и кај спортот, иако луѓето се уште се скептични околу онлајн резервациите, па оттука ги гледаат термините, броевите, инфо контактите и ја прават резервацијата како што ја правеле и до сега. Кај игротеките има помал интерес, но претпоставувам дека тоа е така поради тоа што моментално немаме солидна база на игротеки и работиме на нејзино проширување. Претпоставувам и се надевам дека сите три пазари ќе се изедначат со текот на времето во поглед на интересот. Ние даваме се од себе тоа да биде така.

БИ: Дали има интерес за соработка од страна на рестораните, игротеките и спортските објекти?

Да секако, интерес има, посебно тоа се потврдува со фактот што преку делот на сајтот кој што е наменет за самите локации да си го пријават својот бизнис веќе ни имаат пристигнато неколку такви пријави. Од моментот кога почнавме со работа, добивме солидна цифра на локации кои сами се пријавија. Има интереси, наидовме на одличен фидбек и во поглед на тоа што ние го бараме од нашите клиенти – ажурирање на нивниот календар. Во овој момент, целиот процес не е толку динамичен, и кај рестораните и игротеките бараме барем еднаш дневно, или еднаш во два дена, да ги проверат пристигнатите барања и да ги контактираат нашите крајни корисници. Барањето им стигнува на меил, а и ние имам комплетен увид во барањата што се испраќаат, па сега додека е нова работата и ние некогаш ги потсетуваме да ги истретираат нашите крајни и нивните потенцијални корисници. Кај спортот е малку поинаку бидејќи таму се оди во real time, затоа кај нив мора да има задолжен човек што ќе го следи тоа постојано, покрај тоа што и тука гледаме максимално да помагаме сега за сега.

БИ: Каква е постапката за резервирање спортскик термин или пак испраќање барање за проверка на термин за свадба и игротека?

filip 2Важно е да се потенцира дека деловите за свадба, спорт и игротека не функционираат идентично. Кај свадба и игротека идејата е корисникот да го провери терминот и да испрати барање директно до дадената локација. Не се прави резервација, туку тоа барање стигнува директно кај свадбената локација, тие тоа го гледаат и ги контактираат по телефон или меил. Целата комуникација помеѓу нашиот корисник и нивниот краен корисник се сведува помеѓу нив. Ние само им гарантираме на нашите корисници дека од 24 до 48 часа маскимално ќе бидат контактирани од страна на свадбената локација. Ние не сме менаџери за свадба, туку ги спојуваме нашите клиенти со потенцијални корисници. Кај спортот е друг принципот, бидејќи таму се прави директна резервација на термин. Корисникит ги проверува слободните термини и може да направи директна онлајн резервација. По испраќање на резервацијата, терминот е резервиран и крајниот корисник нема потреба да добие дополнителна потврда од самата локација. За да бидат заштитени сите страни, во овој дел резервација може да направи само регистриран корисник кој е најавен на нашата апликација.За да ја комплетира регистрацијата кај нас, корисникот добива потврда на неговиот мобилен телефон и треба да го внесе кодот што е во смс пораката за да се заврши целата постапка. На нашите клиенти им препорачуваме откако ќе ја добијат резервацијата, веднаш да го исконтактираат крајниот корисник со цел да се спречи евентуална злоупотреба на резервираниот термин.

Доколку корисник излажира две до три резервации, тогаш тој корисник се исклучува од термин.мк и со истиот телефонски број не може да се пријави на страната. Кај свадба и кај игротека нема потреба од регистрација и најавување. Само внесуваат име, имејл и телефон доколку сакаат дополнителен коментар и го праќаат барањето. На секое испратено барање и резервација, и покрај тоа што ги контактираме нашите клиенти дали виделе или не, ги контактираме и корисниците, дали им било вратено на барањето и го проверуваме нивното корисничко искуство. Треба да се има во предвид дека се работи за нова работа и ги менуваме навиките и на нашите клиенти и на нашите корисници.

БИ: Кои се идните планови на Термин.мк?

Термин.мк подготвува нов начин на работа во поглед на тоа да ги стимулираме крајните корисници целата работа да ја завршат on line, откако ќе го проверат терминот, да го комплетираат тој пат што сакаме да го изодат по сајтот и да го испратат тоа барање, односно резервација. Тоа е една работа, која многу наскоро ќе стане активна, а од друга страна пак подготвуваме нов пазар, кој ќе го прошири обемот на она што го работиме. Нашата главна цел е порталот да ја покрие цела Македонија и секој бизнис кој работи на овој принцип.