Тетекс ланската година ја заврши со добивка од 70,8 милиони денари

30

Тетекс од Тетово во период од први јануари до 31-ви декември лани работеше со добивка од 70.857.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Претходната 2019 година, компанијата прикажа вкупна сеопфатна добивка од 33.992.000 денари.

Вкупните приходи од продажба заклучно 31-ви декември 2020 година, имаа салдо од 76.910.000 денари, од кои на домашен пазар отпаѓаат 61.536.000 денари, а остатокот е продажба на странски пазари во висина од 15.374.000 денари.

“Со одлука на менаџментот на 29.02.2020год. престана производствениот процес, и Тетекс АД во своето работење претежно се ориентираше кон издавање на слободни простори под закуп на други правни лица, при што за 2020 год. по овој основ е остварен приход во износ од 27.619.000 денари. Покрај ова во структурата на приходите остварени на домашен пазар се вклучени приходи од други услуги 7.180.000 денари“, стои во Образложението на финансиските резултати.

Бидејќи во 2020 година, како што се наведува во Образложението, дојде до запирање на производниот процес, трошоците за материјали и суровини значително се намалија од 96.14.000 денари во 2019 година, на 20.072.000 денари во 2020 година. Се намалија и останатите трошоци и трошоците за услуги. Значајна ставка во билансот на успех се трошоците за вработени, во која спаѓаат исплатите на отпремнина на 173 производствени работници кои беа прогласени како технолошки вишок согласно Законот за работни односи , во износ од 21.124.000 денари. Платите на вработените редовно се исплаќаа до 12-ти во месецот, за претходниот месец. Во тек на 2020 година ,согласно Законот за работни односи и колективниот договор, на работниците им се исплати регрес за годишен одмор, како и други помошти предвидени со истиот.

Фото: Pexels