Топ пет најплатени професии во нашата земја

242

Фото: Pixabay

Заработка,  личен доход, плата… ова се синоними што претставуваат износ на финансиски средства што вработениот ги добива на неделна или месечна основа за она што го има сработено.

Македонската статистика покажува дека просечната месечна исплатена нето плата по вработен, во текот на месец февруари, изнесува 24.192 денари, додека во бруто износ е 35.901 денар.

Програмерите во земјава се најплатени, според податоците на Државниот завод за статистика, па нивната просечна исплатена месечна бруто плата по вработен изнесува 85.380 денари.

Следува бруто платата на оние што работат стручни, научни и технички дејности, чиј износ е 72.877 денари.

Во просек, вработените во воздухопловниот транспорт, во февруари добиле бруто плата од 71.133 денари.

Четврта најплатена дејност, според македонската статистика, е производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати – 67.202 денари.

Петта највисока плата земаат вработени во финансискиот сектор, освен осигурување и пензиски фондови, каде просекот на бруто плата изнесува 66.161 денар.

Во Македонија, почнувајќи од први јануари 2009 година, е воведена пресметка на плати според принципот на бруто плата. Овој концепт опфаќа пресметка и исплата на плата во бруто износ, што вклучува чиста плата што ја добива работникот (нето износ) заедно со сите потребни јавни давачки, односно даноци и придонеси. Во бруто платата се вклучени и надоместоци што ги добиваат вработените за храна и превоз. Инаку, даноците и придонесите учествуваат со 32% во бруто платата.