Трговски дефицит од 1,1 милијарди евра за осум месеци

37

Трговскиот дефицит, во период од јануари до август оваа година, достигна 1.143.886.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – август 2016 година, изнесува 2.789.996.000 евра и бележи пораст од 6,1% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во истиот период, изнесува 3.933.882.000 евра што е за 5,6% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – август 2016, изнесува 70,9%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Во периодот јануари – август 2016 година, според вкупниот обем на надворешно – трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.