Триесет и пет невработени ја завршија обуката на Seavus

24

Триесет и пет невработени лица завршија обука за графички дизајн во Seavus едукативниот и развоен центар (SEDC), со поддршка на Агенцијата за вработување (АВРМ) и министерствата за труд и социјална политика и за информатичко општество и администрација.

Денеска во просториите на SEDC, директорот на АВРМ, Влатко Поповски, им ги додели дипломите на лицата кои ја завршија обуката за напредни вештини од областа на информациските технологии за невработени лица. Од ноември 2013 до април, 35 кандидати, од 109 пријавени на конкурсот на АВРМ, посетуваа обука за графички дизајнер во SEDC.

Програмата се реализираше во Скопје, Прилеп и Битола и во рамки на истата паралелно беа опфатени обуки за основен и напреден Adobe Photoshop CS6, Illustrator CS6 и InDesign CS6.

„Обуките наидоа на одличен интерес од страна на слушателите кои покажаа не само посветеност редовно да ја следат, туку и успех на спроведените сертифицирани тестирања и практичните проекти кои беа дел од наставата”, изјави Весна Иваноска, генерален менаџер на SEDC.

SEDC е водечки едукативен и тренинг центар во Македонија и во регионот, специјализиран за обуки од областа на информатичката технологија и бизнис менаџмент. Носител е на меѓународни лиценци и сертификати од светски познати брендови со кои соработува во реализација на своето широко портфолио.

Обуките и консултантските сервиси кои SEDC ги обезбедува за бизнис заедницата, јавните институции и на помладата популација, се дизајнирани и прилагодени на специфичните потреби на клиентите со што SEDC се етаблира како посакуван партнер.

Мисијата на SEDC е континуирана доедукација и оспособување на клучните кадри во компаниите од Македонија и регионот за успешно да се справуваат со предизвиците на регионалните и глобалните пазари, а на младите професионалци кои се на завршни години од формалното образование да им даде квалитетна основа и конкретно знаење за полесно да се натпреваруваат на пазарот на трудот.

SEDC ги обликува своите програми според последните светски стандарди во соодветни области. Покрај бизнис и ИТ обуките во рамки на SEDC функционираат и: Академија за дизајн со три студиски програми: графички, веб дизајн и 3D моделирање, анимација и постпродукција, Академија за мрежи и Академија за програмирање со насоки: Proffesional Web Developer & Cloud Engineer for Enterprise и Enterprise Developer for Windows platform.