Триглав Осигурување останува најголема осигурителна куќа во Македонија

22

Триглав Осигурување АД Скопје денеска соопшти дека со 16,74% пазарен удел останува најголемата осигурителна куќа во Македонија. Во 2013-та година исплатила 716 милиони денари бруто износи на штети, што е за 18% помалку отколку минатата година.

Комбинираниот количник за неживотно осигурување изнесуваше 99% (во 2012-та година овој количник изнесуваше 105,9%). Количник под 100 значи дека работењето во доменот на неживотно осигурување е позитивно, се појаснува во соопштението.

На мошне концентрираниот пазар во Македонија, каде функционираат 15 активни осигурителни друштва, просечната премија по жител во 2012-та година изнесуваше 3.401 денари. Повеќето од осигурителните куќи на овој пазар се во раце на странски инвеститори, што е случај и со Триглав Осигурување АД Скопје, која делува во сегментот на неживотно осигурување, а во текот на изминатата година обезбеди осигурителна премија во износ од 1,1 милијарди денари.

„Минатата година беше една од најуспешните за Триглав Осигурување АД Скопје, бидејќи своите сили, меѓу останатото, ги насочивме кон изградба на сопствената продажна мрежа и ја унапредивме организацијата на деловните процеси. Во Македонија сакаме да создадеме деловна средина со здрава конкуренција и да ја задржиме водечката позиција на пазарот. Токму поради тоа, оваа година ќе ги зајакнеме уште повеќе започнатите активности, ќе работиме на воведување на нови осигурителни продукти и услуги и на подобрување на ефикасноста во работењето” изјави Ѓорѓе Војновиќ, главен извршен директор на друштвото Триглав Осигурување АД Скопје.

Војновиќ додаде дека уделот на осигурителните премии во БДП во 2012 година изнесуваше 1,5%.

”Нашиот пазар долгорочно има голем потенцијал за раст и развој. Но, тоа зависи и од економскиот развој на државата и од порастот на БДП по жител. Уделот на осигурителните премии во БДП во Македонија во 2012 година изнесуваше 1,5%, што е доста помалку од Словенија, каде пенетрацијата изнесуваше 5,8%, додека пак во ЕУ27 дури 7,7%”, додаде Војновиќ.