Цените на становите ќе останат непроменети и во следниот период

20

Цената на становите во Македонија и покрај условите за намалување ќе остане непроменета и во наредниот период. Во градежниот сектор отсустуваат странски инвеститори кои ќе бидат конкуренција на концентрираната понуда од пет домашни компании кои ја диктираат цената, покажува денеска објавената анализа на Фортон, консултантска компанија за недвижности, пишува Миа.

Во првата половина од годинава споредено со втората полугодие од минатата година продажбата на станови е зголемена за 30,5%. Зголемената пазарна побарувачка сепак не влијаела на просечните пазарни цени кои останале стабилни на 979 евра за метар квадратен.

Влатко Богоевски, генерален директор на Фортон Македонија, информира дека изградба на метар квадаратен станбена површина, инвеститорите ги чини од 443 евра до 650 евра. Во вкупниот трошок цената на земјиштето максимално учествува од 40 до 120 евра за метар квадратен, комуналните такси од 100 до 125 евра, проектирање од три до пет евра, површината под земја, гаражите 120 до 180 евра за метар квадратен, а површината над земја, односно самите станови чинат од 300 до 400 евра по метар квадратен.

“Вкупно цената за изградба чини 443 евра по метар квдаратен односно 650 најскапо. Ако земеме предвид дека 979 евра е просечна цена во тој случај доаѓаме до тоа дека внатрешната стапка IRR интернал рејт оф ретурн  за инвеститорите на становите се движи од 20% до 45%. Овде се работи за огромни профити и се некарактеристични за поразвиените  земји,   како на пример Австрија, Унгарија, Полска, Бугарија, каде обично профитите се движат од 8% до 15% проценти“, рече Богоевски.

Иако има простор за намалување на цената на становите, укажа, таа и во наредниот период ќе остане стабилна.

“Тоа е резултат на тоа што 60% од пазарот е концентриран во пет компании кои имаат олигополистичка положба на пазарот. Значи неколку компании  ја контролираат цената и се додека не се зголеми конкуренцијата без разлика дали имаме премногу голем број станови и побарувачка цените  ќе останат стабилни од причина што се диктирани од пет компании“, појасни Богоевски.