Централна кооперативна банка со загуба од 48,3 милиони денари ја заврши годината

28

centralna-kooperativna-banka

Централна кооперативна банка АД Скопје минатата 2015 година ја заврши со загуба од 48.305.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

“Финансискиот резултат остварен во 2015 година е под влијание на високо конкурентно окружување и донесените одлуки за промена на каматните стапки уште од самиот почеток на годината. Со овие одлуки направен е обид да се задржат постоечките и да се привлечат нови клиенти, посебно во доменот на девизното штедење кај населението и кредитирањето на малите и средни бизниси“, стои во Освртот кон работата на Централна кооперативна банка за 2015 година, објавен на Македонска берза.

Претходната 2014 година, банката прикажа загуба во висина од 48.974.000 денари.

Нето приходите од камати на крајот на 2015 година беа 219.623.000 денари, додека една година претходно достигнаа вредност од 220.590.000 денари.

“Банката забележа пораст на кредитите за 21,5% во 2015 година, но континуираното намалување на активните каматни стапки во доменот на безризичните пласмани, доведе до пад на приходите од камати за 2,41% во однос на претходната година. Одржувањето на нето каматниот приход е на нивото од претходната година (незначителна разлика од 0,44%). Банката успеа да го оствари со прибирање на извори на средства со пониска камата од планираната, при што расходите за камати со крајот на годината се 6,13% пониски во однос на истиот период лани“, стои во Освртот.

Подобрената кредитна активност и севкупниот зголемен обем на работа во платниот промет во земјата и во странство доведоа до пораст на позицијата нето приходи од провизии и надоместоци и нивно надминување за 25,22% во однос на претходната 2014 година.