Црна Гора има најголем економски пад во регионот и во Европа

28

Падот на црногорската економија годинава ќе изнесува 14,3%, според новата прогноза на Европската комисија (ЕК).Тоа е поголем пад на бруто домашниот производ (БДП) од последните проценки дадени од Светска банка (СБ) – 12,4% и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) – 12% и драстично поголем од оној што ЕК го имаше на пролет, од минус 5,9%. Сите претходни прогнози се дека црногорската економија ќе има најголем пад на БДП во регионот годинава и е на врвот според падот во Европа.

Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ) очекува економскиот пад годинава да биде околу 17%, но тоа не е конечната прогноза. ЕК проценува дека јавниот долг на Црна Гора годинава ќе изнесува 87,3% од БДП.

Светската банка неодамна процени дека на крајот на оваа година ќе изнесува 93% и дека инаку високото ниво на јавен долг ќе достигне врв од 98% во 2021 година.

Според прогнозата на ЕК, јавниот долг на Црна Гора ќе биде 85,6% од БДП во 2021 година и 83% во 2022 година. Според есенските прогнози на ЕК, црногорскиот БДП се предвидува да порасне за 6,8% следната година и за 3,7% во 2022 година.

Фото: Pixabay