Туристичките потенцијали на Македонија претставени пред бугарски туроператори

24

Туристичките потенцијали и капацитети во Македонија беа претставени пред повеќе од 70 туроператори, туристички агенции и новинари во Бугарија, соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија.

Според директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија, Кристијан Џамбазовски, можностите за туристичка размена помеѓу двете држави се големи.

“Македонскиот туристички производ станува поконкурентен на светскиот пазар и се зголемува туристичкиот промет во државава. Следејќи ги светските трендови, Владата на Република Македонија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот преку проектите кои се во фаза на реализација и со нови предвидени проекти дејствуваме во создавање услови за унапредување на туристичкиот производ и значително збогатување на понудата и туристичките содржини“, истакна Џамбазовски.

Според статистичките податоци, лани бројот на странски туристи во Македонија се зголемил за 15%. Бројот на бугарски туристи во 2013 година изнесува 21.000, а на ноќевањата 40.473.

“Во последните неколку години бројот на бугарски државјани кои дошле во Македонија е зголемен за 35%. Бројот на ноќевања во 2013 година е зголемен за 15% во споредба со последните неколку години. Овие бројки покажуваат дека соработката меѓу Македонија и Бугарија е на доста високо ниво, за што се надевам дека оваа тенденција на пораст ќе остане и во иднина“, рече Џамбазовски.