Убедливо најлоша година за туризмот

169

Со 72% помалку меѓународни патувања за 10 месеци и глобална загуба од 935 милијарди долари, за светскиот туризам ова е најлоша година во историјата. Експертите очекуваат прометот од рекордната 2019-та година да се врати за две до четири години.

Според податоците на Светската туристичка организација, дестинациите од почетокот на годината до крајот на октомври примиле 900 милиони странски туристи помалку во споредба со истиот период во 2019-та година, а како добро позната причина се наведува пандемијата, што предизвика воведување карантин и ограничени патувања.

Загубата од 935 милијарди долари во меѓународниот туризам е 10 пати поголема одошто во 2009-та година, кога светот беше под влијание на глобалната економска криза. Севкупниот огромен пад на туризмот поради пандемијата се очекува да резултира со економска загуба од 2.000 милијарди долари во светскиот бруто домашен производ.

Азија и Пацификот се меѓу светските региони кои во текот на 10-те месеци од оваа година претрпеа најголеми загуби, што доведе до дури 82% помалку туристи во однос на истиот период лани.

На Блискиот исток има 73% помалку туристи, во Африка 70% помалку, додека во Европа и Америка падот е за 68%.

Фото: Freepik