УЈП затвори 101 објект низ Македонија поради неиздавање фискална и неправилности

18

Управата за јавни приходи (УЈП) изминатата недела затвори 101 објект на целата територија на Македонија заради неправилности во работењето и неиздавање на фискални сметки.

При контрола на 665 деловни објекти низ целата земја, инспекторите во 101 од нив утврдиле неправилности во финансиското работење и неправилности во регистрирањето на готовинскиот промет, по што за истите донела одлука да бидат запечатени, а на даночните обврзници им била изречена парична глоба.

Најголем број на затворени објекти има во Скопје (35), Битола (20), Струмица (6) и во Гостивар (5), додека останатите случаи се забележани во други општини.

“И покрај тоа што контролите во делот на фискализацијата е една од најексплоатираните теми во јавноста и УЈП постојано апелира даночните обврзници редовно да издаваат фискални сметки на потрошувачите, се уште постојат деловни објекти кои не го регистрираат прометот и го оштетуваат Буџетот”, стои во соопштението на УЈП.
Од УЈП апелираат до даночните обврзници да ги почитуваат пазарните правила и да се придржуват до законските норми. Од таму најавија дека ќе продолжат со истото темпо на контрола со цел да се намали или целосно отстрани ваквото работење кое е на штета на Буџетот на Република Македонија.