Уни Банка за три месеци прикажа добивка од 31,2 милиони денари

24

uni-banka-1-580x436

Универзална Инвестициона Банка (Уни Банка), во период од први јануари до 31-ви март оваа година, прикажа вкупна сеопфатна добивка во висина од 31.248.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истото тримесечје лани, банката оствари добивка од 508.000 денари.

“Во првиот квартал од 2016 година, банката оствари позитивен финансиски резултат во износ од 31,2 милиони денари, којшто во однос на истиот период минатата година е повисок за 30,7 милиони денари“, стои во Освртот на остварените финансиски резултати.

Нето каматните приходи како најзначаен елемент на нето банкарскиот приход во однос на март 2015 година се зголемени од 115,2 милиони денари на 131,6 милиони денари или за 14,2%.

“Приходите од камати се зголемени како резултат на порастот на кредитното портфолио, додека расходите за камати го задржуваат истото ниво и покрај поголемиот обем на депозити како резултат на пониските пасивни каматни стапки“, стои подолу во Освртот.

Нето приходите од провизии и надоместоци во првиот квартал од 2016 година изнесуваат 35,2 милиони денари и се на истото ниво од март 2015 година (35,1 милиони денари).

Оперативните расходи во првото тримесечје од 2016 година достигнаа износ од 119,8 милиони денари, што значи зголемување од 1,4% во однос на истиот период  лани.