УСАИД им помага на микро и малите бизниси да успеат

19

usaid-1

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери (ЦЕЕД) Македонија, вчера им додели сертификати на 117 претприемачи за успешно завршени претприемачки програми. Откако започна со работа пред четири години, сопствениците на бизниси коишто учествуваа во Проектот колективно го зголемија извозот за 440.000 американски долари, а вкупните приходи за 1,6 милиони долари.

Господинот Џејмс Стајн, директор на мисијата на УСАИД во Македонија, им честиташе на годинешните учесници и изјави: “Микро и малите компании, расфрлани низ земјата, колективно вработуваат најмногу луѓе. Како такви, имаат голем потенцијал за поттикнување на раст на македонската економија, а сепак, колку е помала компанијата, толку е поголем предизвикот да се етаблира или прошири. Наша цел е да им обезбедиме на сопствениците на мали компании знаење, вештини и пристап до финансии што им се потребни да го пораснат бизнисот и да креираат можности за нови вработувања.”

Госпоѓа Катарина Штокер, заменик шеф на мисија, Амбасада на Швајцарија во Република Македонија изјави: “Бројот на жени претприемачи што ни се придружуваат постојано расте. Ги охрабрувам жените активно да се вклучат во бизнисот, да бидат силни лидери и генератори на македонската економија.”

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кој започна со работа во јули 2011 година, ги поддржува микро и малите бизниси преку тренинг, вмрежување, менторство, консалтинг, поддршка на извозот и пристап до инвестициски фонд. Активностите на Проектот се имплементирани преку ЦЕЕД Македонија, кој е една од институциите во наследство на УСАИД.