Усвоено идејното решение за новата банкнота од 200 денари

42

200 den

Советот на Народната банка на Република Македонија денеска ја усвои Информацијата за идејното решение на новите книжни пари од 200 денари.

Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 200 денари е релјефот којшто им припаѓа на препознатливите винички теракотни икони, едни од најзначајните раносредновековни откритија на територијата на Република Македонија. На истата страна, во централното лево поле е прикажана раносредновековна прстеста бронзена фибула од почетокот на VII век, а е пронајдена во околината на Прилеп, пишува Макфакс.

На задната страна на оваа банкнота е претставен архитектонско – ликовен елемент од челната фасада на Шарената (Алаџа) џамија во Тетово, еден од најатрактивните споменици на архитектурата и сликарството од османлискиот период во Република Македонија, надополнет со флорални елементи преземени од декорацијата на мермерните подни плочи на познатата Исак џамија во Битола, изградена на самиот почеток на XVI век.