Утре краен рок за полагање на МОС испитите на националниот натпревар Microsoft Office Specialist

27

1

Најдобрите 40, од кои 30 на ниво на цела Македонија и 10 од Град Скопје, според ранг листата, меѓу кои е и минатогодишниот победник Марко Марковиќ, ќе се натпреваруваат во финалето на вториот национален натпревар – Microsoft Office Specialist на Македонија. Финалето е закажано на 31 мај, во i-Bank store, концептуалната филијала на Стопанска Банка АД – Скопје.

Млади од 13 до 22 години од основните, средните училишта и факултетите заклучно со (утре), 22 мај 2017 година имаат можност да се борат да влезат во финалето на овој натпревар. Се натпреваруваат преку официјални електронски испити од Microsoft Office апликациите, односно Word, Excel и Power Point едиција 2013 или 2016.

Победникот во финалето со најмногу бодови и најкратко време, заминува во Калифорнија, САД како директен учесник на Светскиот натпревар за Microsoft Office Specialist.

Колку се самите компании заинтересирани за овој потенцијал во земјата говори и лепезата поддршка со низа поволности за сите финалисти на овој светски ИТ натпревар. Испитите се бесплатни за учесниците на натпреварот, благодарение на Град Скопје и LycaMobile, коишто откупија 500 испити со цел да ја поддржат младата генерација која претендира да биде во чекор со времето и технологијата.

Четириесетте финалисти и годинава ги очекува изненадување од Стопанска Банка, која како главен спонзор на второто издание на Националниот натпревар за Microsoft Office Specialist секако го покрива учеството, патувањето и престојот на победникот заедно со неговиот ментор на светското финале.

За полесно маневрирање на MS Office алатките во текот на подготовката за овој најголем настан во својата категорија, еден од поддржувачите на натпреварот, Макпетрол ќе му додели последна генерација на лаптоп компјутер.

Најдобрите шест рангирани ќе добијат ваучер од 5.000 денари од страна на Семос Едукација кои можат да ги искористат за полагање на сродни сертифицирани испити кои во понатамошната едукација и развој, можат да им бидат отскочна штица за вработување, доедукација, специјализација во ИТ индустријата.

За време на финалето, Архивскиот центар Инбох, на сите четириесет финалисти, преку искористување на MS Office алатките, ќе им овозможи преку интерактивен начин да создадат нов визуелен идентитет за Power Point презентација на Инбох, а најдоброто решение на победникот ќе му донесе 10.000 денари.