
Утре, Народната банка, со поддршка на Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF – The European Money and Finance Forum), ја организира Конференцијата на високо ниво на тема: „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост”, којашто ќе се одржи на 24 март во Скопје.
Настанот претставува уникатна можност за продлабочување на меѓународната соработка и размената на знаења, искуства и мислења меѓу гувернерите, претставници на централните банки, меѓународните финансиски институции и академската заедница. Темите ќе ги опфаќаат актуелните предизвици со кои се соочува централното банкарство и улогата на централните банки во обезбедувањето стабилен и отпорен финансиски систем во време на забрзани светски промени.
Конференцијата ќе ја отвори гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, а ќе се обратат и премиерот Христијан Мицкоски и генералниот секретар на СУЕРФ Ернест Ган.
Во рамките на настанот ќе се одржат повеќе панел-дискусии на кои гувернери и високи претставници на централните банки и на меѓународните финансиски институции ќе разговараат за главните предизвици за централното банкарство во услови на зголемена светска неизвесност. Учесниците ќе зборуваат за макроекономските политики, искуствата од справувањето со светските економски шокови и улогата на економските политики во одржувањето на финансиската стабилност.
Посебна панел-дискусија ќе биде посветена на дигитализацијата и иновациите, каде што излагачите ќе ги разгледуваат можностите и предизвиците што ги носат новите технологии за централните банки и за финансискиот систем. Во рамките на панел-дискусијата за финансиската стабилност ќе се зборува за улогата на макропрудентните политики, нивната интеракција со другите економски политики и за ризиците поврзани со пазарот на недвижности. Учесниците ќе ги споделат и своите искуства од примената на инструментите за зајакнување на отпорноста на финансискиот систем.
Конференцијата ќе може да се следи во живо на каналот на Народната банка на „Јутјуб”.











