Винска тура низ Пиемонт на завршницата на Тера Мадре Салоне дел Густо 2016

23

tera madre 2016

Македонската делегација која учествува на годинашниот Меѓународен саем за традиционална храна Тера Мадре Салоне дел Густо 2016 во Торино, денеска е во посета на регионот Пиемонт, јавува Миа.

Предвидена е винска тура низ Полензо, седиштето на Универзитетот на гастрономски науки, гратчето Бра од каде произлезе иницијативата за Слоу фуд и регионот Ла Мора. Попладне, турата завршува со посета замокот во којшто се наоѓа Регионалната енотека на Пиемонт.

Тера Мадре што официјално завршува вечерва, привлече над еден милион посетители. Голема беше заинтересираноста за производите на македонскиот штанд, односно за президиумите буковска пипер, слатко од диви смокви, грозје станушина и македонска медоносна пчела.

Тера Мадре годинава првпат се одржуваше на отворено низ сите историски места на градот Торино, почнувајќи од паркот Валентино, покрај реката По и на Кралскиот плоштад. Уште еднаш беше испратена пораката дека малите локални производители на традиционална храна се најголемите чувари на био диверзитетот и културното наследство.