Виртуелен аплауз за новогодишниот концерт на виенската филхармонија

95

Информацијата дека на први јануари 2021-ва година и покрај пандемијата ќе се одржи новогодишниот концерт на виенската филхармонија ги развесели љубителите на класичната музика ширум светот.

Но, Златната сала на Виенското музичко друштво оваа година ќе остане без публика, поради емидемиолошките мерки што се на сила во Австрија. Ова се случува за првпат во историјата на новогодишниот концерт што датира од 1939 година.

И покрај тоа што виенската филхармонија ќе настапува пред празна сала, аплаузот сепак ќе допре до нив. Благодарение на иницијативата на австриската телевизија ORF, гледачите пред малите екрани ќе може да ги наградат музичарите со виртуелен аплауз. Аплаузот ќе одекнува во салата преку посебен софтвер и звучен систем на компанијата Poet Audio од Грац, а ќе може да се слушне и во телевизискиот пренос во живо во повеќе од 90 земји во светот.

Австриската телевизија ORF ги повикува сите љубители на класичната музика да се приклучат кон иницијативата и со својот аплауз да дадат поддршка не само на филхармоничарите од Виена, туку и на сите културни работници, пренесува Bug.

Љубителите на концертот ќе можат да испраќаат и свои фотографии од тоа како уживаат додека го гледаат концертот.

Оваа година, инаку по шести пат, виенската филхармонија ќе биде под диригентската палка на италијанскиот диригент Рикардо Мути, а на репертоарот ќе се најдат дела од семејството Штраус.

 Фото: Facebook