Вкупно 22 награди за вината на Тиквеш на натпревари во Британија, Франција и Швајцарија

21

Дури 17 вина на Тиквеш се наградени на годинешниот меѓународен вински натпревар – International Wine Chalenge (IWC), којшто по 36-ти пат се одржа во Лондон, Велика Британија, стои во соопштението.

Поради ригорозната методологија за оценување на квалитетот на вината, овој натпревар меѓу познавачите важи за еден од најпрестижните светски вински натпревари. Годинава на IWC се натпреваруваа вина од 40 земји, меѓу кои и вина кои потекнуваат од најпознатите светски вински региони. Панелот на вински судии задолжени за оценување на вината го сочинуваа дури 400 меѓунaродни експерти.

Во ваква жестока конкуренција, седум вина на Тиквеш добија сребрени, а осум вина бронзени медали, додека две вина се посебно пофалени. Меѓу наградените се најдоа вина од сите сегменти на винското портфолио на Тиквеш, почнувајќи од линијата Александрија, преку вината од линијата Special Selection, па сѐ до врвните тероар вина Барово, Бела Вода и Домен Лепово, класифицирани во новата линија Tikveš Chateaux & Domaines.

На уште еден престижен меѓународен вински натпревар, специјализиран за розе вина, што се одржува во Кан, Франција, виното на Тиквеш, Александрија Куве розе 2018 беше единственото вино од целиот поширок регион што доби златен медал.

На годинешното издание на познатиот вински натпревар Concours Mondial De Bruxelles што се одржа во Швајцарија, а на кој учествуваа 9.150 вина од 46 земји, четири вина на Тиквеш освоија награди, меѓу кои и виното Muscat Ottonel Special Selection 2018, кое е наградено со златен медал.

Со овие награди, освоени на престижни светски вински натпревари, Тиквеш одново го зацврстува реномето – најтрофејна винарница од овој дел на светот и воедно обезбедува дополнителни потврди од реномирани извори за високиот квалитет на вината од нашето поднебје.