Вкупно 49 понуди за 80 мали хидроелектрани

19

Вкупно 49 понуди од домашни и странски компании за 80 локации за мали хидроелектрани пристигнаа до Министерството за животна средина.

“Ова е голема заинтересираност за изградба на ваквите хидроелектрани затоа што и студијата што беше подготвена од Министерството покажуваше дека некои локации се поатрактивни. Владата пред да го отвори овој повик имаше неколку измени околу овластените тарифи и олеснување за инвеститорите се со цел локациите да бидат поатрактивни и да имаме повеќе заинтересирани“, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми.

За уделот на обновливите извори на енергија Адеми рече дека во вкупната потрошувачка на енергија, тие учествуваат со 15% до 16%.

“Што се однесува до водните ресурси, тие учествуваат со 20% во вкупното производство на електрична енергија. Новиот пакет на мали хидроелектрани со вкупна инасталирана моќ од 64 мегавати ќе значи зголемување на сегашниот хидро капацитет од 10%“, рече Адеми.

Концесијата за користење на вода за производство на електрична енергија од 80 мали хидроелектрани на сливовите на реките Вардар, Треска, Брегалница, Струмица и Црн Дрим, се дава на 23 години, од кои три години изградба и 20 години концесија за искористување на вода.