Во јуни се отвора ТЦ РЕМ – најголемиот трговски центар во Тетово

15

За помалку од 30-тина дена официјално ќе биде отворен трговскиот центар РЕМ, дел од уникатниот повеќенаменски комплекс РЕМ, кој вклучува и хотел и станбени единици. Инвестиција на компанијата RENOVA, во вредност од 40 милиони евра, воедно и најголема досега во западна Македонија.

Трговскиот центар РЕМ со површина од 19.000 м2 се наоѓа на најпосакуваната локација во Тетово, на само 700 метри од центарот, помеѓу двата главни булевари. Консултанската компанија за недвижности Фортон, како ексклузивен агент за изнајмување на објектот, се погрижи трговскиот центар РЕМ да биде изнајмен над 85% од реномирани и добро познати брендови. Според ФОРТОН, ТЦ РЕМ со содржините кои ќе ги понуди ќе биде едно од најпосетуваните места во западна Македонија, со четири до пет пати повеќе посетители од било која друга шопинг локација во градот.

Реномирани продавници, забава, ресторани, игротеки, содржини за сите возрасти ќе бидат дел од ТЦ РЕМ, со што се очекува да се подобри квалитетот на живеење на граѓаните од овој дел од земјава. Во рамките на трговскиот центар, свои продажни објекти ќе имаат повеќе интернационални и домашни брендови, како што се супермаркетот Carrefour (Карфур), италијанскиот моден ланец Gruppo Fiori, Mega Fashion, играчница Аркадиа, Extreme Intimo, Office Plus, Penti, Lamas & Jovani USA, Mat Star, Кимико, Топ Шоп, Анхоч, P…S…Fashion, Golden Rose, парфимерија Еликсир, слаткарница Амфора, донер Дајти, пецива и пица Меридиан, бутик Емона, накит Swarovski Elements, уреди за домаќинство Елипсо.

Две години по отворањето на првиот хипермаркет во Скопје, ЦМБ Скопје ДООЕЛ со задоволство го најавува отворањето на својата втора продажна локација во државава – супермаркетот во трговскиот центар РЕМ во Тетово. ЦМБ Скопје ДООЕЛ продолжува да ја следи својата долгорочна посветеност да им обезбеди на своите потрошувачи најдобар квалитет по најповолни цени.

ЦМБ Скопје ДООЕЛ, компанијата на Маринопулос  С.А., го претставува Карфур во Македонија. Маринопулос С.А. е ексклузивен франшизер за Карфур во југоисточна Европа, со мрежа од 936 продажни локации во Грција, Албанија, Бугарија, Македонија и Кипар.

РЕМ комплексот се состои од: трговски центар 19.000 м2, луксузен хотел со 5 звезди на 12 ката, панорамски ресторан на најгорниот кат од хотелот, 146 станови и 400 паркинг места, на вкупна изградена површина од 60 000 м2.