Во Македонија ќе се развива пазар за осигурување од природни катастрофи

78

Пазарот за осигурување од природни катастрофи во Македонија наскоро ќе се развива преку понуда на специјални производи (полиси), како и преку едукација на населението и бизнис секторот за ризиците и можните штети од елементарна непогода. Ова го најавија претставниците на Европа Ре, која се очекува да биде носител на новиот систем за осигурување од природни катастрофи во регионот на југоисточна Европа.

Главни акционери на компанијата се Владите на Македонија, Србија и Албанија, а седиштето и е во Швајцарија. Европа Ре е формирана и поддржана од Светската банка, Швајцарската организација за економска соработка, Глобалното партнерство за заштита на животната средина, Европската унија и Обединетите нации.

Извршените анализи покажуваат дека бројот на несреќи од природните катастрофи бележи значителен пораст во последните години, со што ризиците стануваат реални.

Се проценува дека загубите во Македонија во случај на огромна природна катастрофа би можеле да достигнат и до 40% од БДП. Покрај тоа, добар дел од територијата на Македонија е ранлива на екстремни суши кои се повторуваат на секој три-четири години, а земјата е подложна и на поплави, кои исто така може да направат значителни штети.

Обединетите нации, Светска банка и останатите глобални институции го променија моделот на дејствување, кој порано беше насочен кон справување со последиците од природни катастрофи. Ресурсите сега се насочени кон креирање на системи за осигурување и реосигурување од ризиците што ги носат елементарните непогоди.

Анализите покажале дека кај поголем дел од македонското население нема доволна свесност за ризиците од природни катастрофи. Перцепцијата е дека државата претставува единствено решение за апсорбирање на ризикот, иако во случај на голема катастрофа предодредените буџети не се доволни за надомест на штетата.

Покрај ова, евидентно е и отсуството на самостојни и квалитативни полиси за осигурување од природни катастрофи.

Токму од наведените причини Европа Ре најавува поттикнување на пазарот преку иновативни производи, едукација на населениот и бизнис секторот за изложеноста на ризиците од временски непогоди, како и поддршка на владините тела од областа на осигурувањето да ги имплементираат неопходните стандарди за развој на пазарите за осигурување од ваков вид на ризици.

Производите за осигурување и реосигурување Европа Ре нема да ги пласира преку сопствена мрежа, туку преку партнерски осигурителни компании во државата кои ќе добија посебна акредитација за оваа намена.