Во Шпилје за шест месеци произведени 69 милиони киловат часови струја

23

dalekovod-pixabay

И покрај неповолната хидрологија на дебарското сливно подрачје, што ги опфаќа реките Радика и Црн Дрим, во периодот јануари – јуни годинава, со целосна оптимизација на сите производни капацитети, во Хидроелектраната Шпилје остварени се добри производни резултати, јавува МИа.

Ова го потврдуваат надлежните, додавајќи дека во овој значаен електроенергетски објект во првите шест месеци од годинава произведени се 69 милиони киловат часови електрична енергија.

“Тоа претставува остварување за 26% на годишниот план, што е проектиран на 275,5 милиони киловат часови електрична енергија. Исполнетоста на акумулацијата е 85%, што значи има одлична резерва за производство на над 37 милиони киловат часови. Што се однесува до средниот доток на вода во акумулацијата, тој се движи до 30 метри кубни вода во секунда“, велат надлежните.

Според нив, со добра хидрологија во втората половина од годинава, како и со постојната резерва, не е исклучено Шпилје да го реализира годишниот план во согласност од потребите за електрична енергија.