Во Скопје отворена десеттата Coca – Cola Активна зона

19

14

Во присуство на голем број граѓани, спортисти, рекреативци, претставници од Пивара Скопје, како и градоначалникот на Град Скопје, на 10.11.2017 година беше отворена десеттата Coca – Cola Активна зона, што Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola ја донираа на Градот Скопје, стои во соопштението.

Проектот Coca – Cola Активни зони се реализираше во повеќе општини ширум земјава во соработка со локалните самоуправи и вклучува поставување фитнес – зони на отворено, опремени со најмодерни професионални справи за вежбање, достапни 24 часа на сите граѓани без никаков надоместок.

Проектот е дел од глобалната платформа на Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola за промоција на физички, спортски и рекреативни активности и вложување во заедницата, како основа за создавање навики за активен животен стил и мотивирање на граѓаните редовно да спортуваат и да се рекреираат.

“Со Скопје ја заокружуваме и втората година од овој значаен проект и осврнувајќи се на овие две години во кои дониравме вкупно 10 активни зони, без сомнение, можам да кажам дека луѓето од сите генерации што секојдневно ги користат справите за спорт и рекреација се доказ дека ’Coca – Cola Активните зони‘ се успешен проект што навистина успеа да го поттикне спортскиот дух, дури и кај оние што досега не се занимавале со спорт. Токму затоа, Пивара Скопје во соработка со компанијата Coca -Cola, како општествено одговорни компании, ќе продолжат во насока на реализација на проекти што го промовираат активниот начин на живот, бидејќи редовната физичка активност и спортувањето се императив за градење одржлива иднина и заедница во која живее спортската култура“, изјави Ламбро Патче, директор за односи со јавност и комуникации на Пивара Скопје.

“Навистина ми е чест што Градот Скопје е повторно дел од овој проект, преку којшто заедно со Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola имаме можност да ги мотивираме граѓаните редовно да спортуваат и да практикуваат активни животни навики, дотолку повеќе што оваа зона е бесплатна за користење и е достапна за сите. Нашата цел е да имаме чист, модерен и безбеден град и граѓани што се грижат за себе и за својата средина. Токму затоа, ’Coca – Cola Активната зона‘ е од големо значење за Градот Скопје и апелирам до граѓаните на овој град да ја чуваат и да се грижат за неа“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Оваа активна зона е втора донација во Скопје, по првата, која минатата година беше отворена во Општина Гази Баба и којашто истовремено го означи стартот на долгорочниот проект на Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola. Од другите општини, своја Coca – Cola Активна зона добија: Охрид, Струмица, Тетово, Прилеп, Штип, Куманово, Гостивар и Радовиш, а од Пивара Скопје најавуваат дека веќе од следната година проектот би имал и свое продолжување, со цел да одговорат на сè поголемиот број барања од граѓаните за отворање нови активни зони, сè додека не се покрие целата територија на земјата.

Во насока на промоција на спортскиот дух, вложување и грижа за заедницата и животната средина, преку оваа платформа на Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola досега беа реализирани и други успешни проекти, како фудбалскиот куп Coca -Cola и повеќето бесплатни паркиралишта за велосипеди што Пивара Скопје ги донираше на Градот Скопје, со цел поттикнување на велосипедската култура и промоција на велосипедот како алтернативен и еколошки транспорт.