
На Волстрит, берзанските индекси паднаа во четврток, откажувајќи се од сите добивки од претходниот ден, бидејќи приносите од обврзниците повторно се зголемија, а инвеститорите беа разочарани од оперативните резултати на Волмарт.
ИндексотDow Jones падна за 1,32 проценти, на 52.759 поени, S&P 500 за 0,87 проценти, на 7.641 поен, а Nasdaq за еден процент, на 26.067 поени.
Ден претходно, овие индекси малку пораснаа благодарение на падот на приносите на државните обврзници, откако Министерството за финансии на САД објави дека ќе го удвои износот на нивното купување.
Сепак, веќе вчера приносите повторно се зголемија, пренесува Хина.
Приносите обично растат поради повисока инфлација, загриженост за јавниот долг или очекувања дека каматните стапки ќе се зголемат, што има негативно влијание врз берзата.
Инвеститорите беа разочарани и од кварталните деловни резултати на Волмарт, па цената на акциите на најголемиот малопродажен синџир во светот падна за повеќе од девет проценти.
Тоа влијаеше и врз акциите на другите малопродажни синџири, па малопродажниот сектор падна за 1,9 проценти во просек, најмногу меѓу 11-те најважни сектори на индексот S&P 500.











