Воспоставен ефикасен механизам за мирно решавање на работните спорови

19

Нови 18 кандидати за помирувачи и арбитри за мирно решавање на работните спорови ќе се стекнат со неопходното знаење и вештини за менаџирање на конфликти и решавање спорови, кое ќе им го пренесат реномирани меѓународни експерти од оваа област.

Доколку успешно ја поминат обуката, кандидатите ќе исполнат еден од законските услови за добивање лиценца за помирувачи и арбитри за мирно решавање на работните спорови.

Сите активности поврзани со воспоставувањето на системот за мирно решавање на работните спорови, вклучувајќи ги програмата за обука, обуката на идните помирувачи и арбитри и развојот на систем за управување со случаите, се спроведуваат во рамки на проектот Унапредување на социјалниот дијалог кој е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот, преку канцеларијата во Будимпешта.

Крајната цел на проектот е подобрување на трипартитниот и бипартитниот социјален дијалог како начин за постигнување економски развој и социјален напредок.

Проектот има сеопфатен пристап и има за цел да обезбеди техничка поддршка на институциите и учесниците во процесот на социјален дијалог преку три меѓусебно поврзани компоненти: Зајакнување на социјалниот дијалог на национално и локално ниво; Поттикнување на колективното договарање и воспоставување инфраструктура за колективно договарање на ниво на сектор; Воспоставување механизам за мирно решавање на работните спорови.

Новиот механизам треба да овозможи  брзо, ефикасно и финансиски исплатливо вонсудско решавање на колективните и индивидуалните работни спорови.

Мирното решавање на работните спорови, кои можат да произлезат од колективните договори, како и индивидуалните спорови поврзани со раскинување на договорот за работа (отпуштање) и неисплата на плата, е регулирано со посебен закон за мирно решавање на работните спорови, кој е во примена од почетокот на оваа година. Основната цел на законот е да им овозможи на работниците и работодавачите, преку соодветна доброволна вонсудска постапка, со помош на помирувачи, односно арбитри, да изнајдат заемно прифатливо решение за можните спорови кои ќе ги задоволат нивните потреби и барања.