Вработените во ОКТА обезбедија храна за најзагрозените семејства

21

По повод Светскиот ден на храната, вработените во ОКТА ќе донираат храна за најранливата категорија граѓани на нашата земја. Во последните неколку години, вработените во компанијата доброволно се откажуваат од своите купони за храна и собраните средства ги донираат во Црвениот крст на Град Скопје, кој што ги дистрибуира прехранбените производи до граѓаните кои се во тешка социјална положба.

„Оваа активност е веќе традиција и секоја година се повеќе се зголемува свеста на вработените за проблемот со недостигот на храна. Донацијата е најмалку што можеме да направиме и како општествено одговорна компанија да бидеме дел од светското движење за борба против гладот”, рече Деан Стојковски, претседател на Црвениот крст во ОКТА.

Според последните податоци од Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), иако постои континуирано зголемување на производството на храна, повеќе од 840 милиони луѓе во светот се постојано гладни. Овој алармантен број ги обединува сите институции да реагираат и да го посветат Светскиот ден на храната на глобална кампања за борба против гладот. Во нашата земја голем број на социјално загрозени семејства се соочуваат со недостаток на храна и поради таа причина активности од овој тип треба да се организираат почесто. Преку овие иницијативи се зголемува свеста кај граѓаните, a социјално одговорните компании како ОКТА, со нивниот ангажман во оваа област служат како одлични примери и пракса за другите.