Времеплов: Дали знаете како изгледаше првата листа на богаташи на Forbes

81

Магазинот Forbes е препознатлив по листите на богаташи не само во САД, туку и ширум светот. Денес, постојат најразлични листи и тоа не само на бизнисмени, туку и на политичари, комичари, спортисти, музички ѕвезди…

Најпрвата листа што ја направил магазинот Forbes датира од 1918 година, кога Берти Чарлс Форбс, основач на магазинот, составил листа од 30 најбогати Американци.

Наша задача е да ве вратиме и неколку децении наназад и тоа во 1982 година кога е објавена првата листа на 400 најбогати Американци, на којашто се најдоа 400 американски државјани со најголем имот. Таа листа ја состави Малком Форбс, американски претприемач и издавач на магазинот Forbes. Тој го основаше денес угледниот Forbes заедно со неговиот татко Берти Чарлс Форбс.

Во првата листа од вкупно 400 богаташи имаше само 13 милијардери, а за да се најде некој на нејзе требало да располага со нето имот во вредност од околу 100 милиони долари. Најголем дел од богаташите што тогаш се нашле на листата на Forbes се занимавале со трговија на нафта, производство, финансии и технологија.

Прво име на првата листа на Forbes бил Дениел Кеит Лудвид со проценето богатство од две милијарди долари или околу 4,8 милијарди долари денес.

Интересен е фактот дека некои од имињата што се спомнале тогаш и се нашле на првата листа на Forbes и денес важат за некои од најбогатите луѓе во светот. Па така, меѓу нив се најде и основачот на Apple, Стив Џобс кој тогаш имал само 27 години. Магазинот го опишал Џобс како “computer freak“ или во превод фрик за компјутери. Богатството на сега починатиот Џобс тогаш било проценето на 100 милиони долари.

На првата листа на Forbes се најде и Ворен Бафет. Тој денес е трет најбогат човек на светот со проценето богатство од над 90 милијарди долари, а во 1982 година на сметката имал “скромни“ тогашни 250 милиони долари. Меѓу имињата што биле на првата листа, а и денес си имаат свое место на листата на Forbes е и Чарлс Коч. Тој денес има 84 години и е 11-ти најбогат на планетата со богатство од 42 милијарди долари.

Денес, најбогат на планетата е Џеф Безос, основач на Amazon, со богатство од 131 милијарда долари.

Фото: Facebook