Времеплов: Кои беа најбогати во 1995-та, 2005-та… а кои се денес?

101

Луѓето кои на своите сметки имаат суми со повеќе од шест нули од секогаш биле интересни за јавноста. Нивното богатство, колку заработуваат, од каде им се парите, но и во што вложуваат, како ги чуваат и мултиплицираат… секогаш се интригантни за остатокот од светот.

Овој пат со помош на податоците на Ranking the world ќе направиме времеплов на тоа кои биле најбогати во далечната 95-та, кои 10 и 20 години подоцна, а кои се најбогатите во овој момент.

Во јануари 1995-та година, најбогат човек на планетата бил Бил Гејтс. Основачот на Microsoft тогаш имал богатство од 12,9 милијарди долари. Зад него бил Ворен Бафет со проценето богатство од 10,7 милијарди долари. Тогаш имало вкупно 289 милијардери, а трет зад Гејтс и Бафет се најде Ханс Раусинг, “таткото“ на Tetra Pak со богатство од девет милијарди долари.

Една деценија подоцна, односно во јануари 2005 година, ситуацијата на првите две места воопшто не е променета. Единствена промена е зголеменото богатство на Гејтс (46,5 милијарди долари) и на Бафет (43,9 милијарди долари). Во 2005-та година на Земјата имало вкупно 698 милијардери, а трет од нив бил Лакшми Митал. Овој индиски “крал“ на челикот во 2005-та имал богатство од 24 милијарди долари.

Само мала промена се случува 10 години подоцна. Гејтс и во јануари 2015-та е планетарно најбогат човек со сметка “тешка“ 79 милијарди долари. Бафет “паѓа“ на трета позиција со 72 милијарди долари. Втората позиција ја зазема мексиканскиот тајкун, Карлос Слим со проценето богатство од 76 милијарди долари. Тогаш светот броел вкупно 1.828 милијардери.

Во 10:15 минути, кога го подготвуваме овој текст, приматот најбогат “љубоморно“ го држи основачот на Amazon, Џеф Безос. Според листата на Forbes – real time billionaires (милијардери во реално време), Безос во моментот има 113,5 милијарди долари. Втор е неприкосновениот Гејтс, чие богатство во моментот е 109,3 милијарди долари. Бафет овој пат го нема во првите тројца, бидејќи “бронзата“ оди во рацете на Бернард Арно. Првиот човек на групацијата луксузни брендови LVMH во моментот “тежи“ 106,6 милијарди долари. Деведесетгодишниот Бафет е четврти најбогат во светот со богатство од 87,6 милијарди долари.

Според Forbes, во моментот има 2.057 милијардери, а на дното како “најсиромашен“ е рускиот бизнисмен Борис Зингаревич, кој на својата сметка има “само“ една милијарда долари.

Фото: Pexels