Вртоглави 2.000% раст на профитот на малезискиот производител на ракавици

46

Малезиската компанија Top Glove соопшти дека нејзината нето добивка порасна за повеќе од 20 пати за еден квартал од фискалната година на компанијата, бидејќи новиот бран на пандемијата во последните месеци влијаеше на растот на побарувачката за заштитни гумени ракавици.

Нето добивката на компанијата во периодот од септември до ноември оваа година порасна за 2.030%, на 585,49 милиони долари во споредба со истиот период лани, пренесува Ројтерс.

“Приходите пораснаа за 294%, на 1,17 милијарди долари“, стои во соопштението на најголемиот производител на гумени ракавици.

Се предвидува дека во следните три години и понатаму ќе има пораст на побарувачката на гумени ракавици. Компанијата проценува дека растот оваа година ќе биде 20%, а 25% следната година, додека по пандемијата порастот ќе изнесува 15%.

Инаку, Top Glove има 47 фабрики во Малезија, Кина, Виетнам и на Тајланд, а во 36 од нив се произведуваат заштитни ракавици. На крајот на минатиот месец, компанијата најави затворање на скоро 30 нејзини фабрики поради тестирање и карантин откако кај повеќе од 2.000 работници е потврдена зараза со Ковид-19.

Фото: Freepik