Втор бран приватизација на државни претпријатија на Балканот

20

Државите од западен Балкан влегуваат во втор круг на приватизации. Притиснати поради малиот прилив странски директни инвестиции, скапи и тешки задолжувања, минусите во државните каси ќе се обидат да ги покријат со нов бран приватизација, пишуваат Новости.

Србија за вториот круг ги подготвува Телеком Србија, Јат ервејз, Галеника, Железара Смедерево и делумно РТБ Бор, покажува анализата на Светска банка. На приватни инвеститори следната година би можела да им биде понудена и Пошта и Телеком Косово.

Во Црна Гора на тендер, аукција или преку стратешко партнерство приватниците би можеле да презедат дури девет претпријатија – Монтенегро транспорт и логистика, Монтенегро ерлајнс, Контејнерски терминал и генерален товар Бар, Зора, Јадранско бродоградилиште, Будванска ривиера, Улцињска ривиера, Институт на црна металургија и Фабрика за електроди.

Македонија размислува за приватизација на четири претпријатија, Охис, ЕМО Охрид, Тутунски комбинат и еден погон воена индустрија, 11 октомври еврокомпозит.

Експертите од Светска банка, меѓутоа ги предупредуваат владите на државите од западен Балкан во вториот бран приватизации да не ги повторат претходните грешки.

“Доколку претпријатијата се приватизираат на вистински начин, приватизациите можат да донесат инвестиции и нови технологии. Важно е овој пат тоа да се направи имајќи го во предвид искуството од претходниот бран. Во претходниот бран земјите тие пари ги искористија за покривање на тековни расходи, а тоа никако не е добра пракса. Тие приходи би требало да се искористат за намалување на јавниот долг, кој е скап, или за елиминирање на доцнењата на државите во исплатите. Решение е да се инвестира во инфраструктурата”, вели Жељко Богетиќ, водечки економист од Светска банка.