Втора обука за корпоративни секретари во Македонија

32

Комисијата за хартии од вредност, Македонската берза и Институтот на директори, поддржани од Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на групацијата на Светска банка, подолго време соработуваат со цел да ги промовираат добрите практики на корпоративно управување во компаниите и воопшто на пазарот на капитал во Македонија.

Од таа причина, како што се наведува во соопштението, трите институции ја организираат втората обука за корпоративни секретари во Македонија.

Улогата на корпоративниот секретар е да го унапреди квалитетот на корпоративното управување во компанијата и да се почитуваат постојните корпоративни правила и политики, притоа грижејќи се за примена на законските процедури од страна на органот на управување и остварување на правата и обврските на одборот на директори, односно надзорниот одбор во согласност со законите, статутот и другите акти на компанијата.

Кодексот за корпоративно управување на Македонска берза како и посебната регулатива на банките и осигурителните друштва ја дефинираат и регулираат позицијата на корпоративен секретар, кој му помага на органите на управување во исполнувањето на секојдневните активности како инструмент за подобрување на работењето на друштвото преку поефикасни проверки и усогласувања на процесите. Како професионалец со единствен збир на знаења и способности, Корпоративниот секретар помага за воспоставување и одржување добра комуникација меѓу различните органи на управување на друштвото во согласност со статутот и интерните акти на друштвото. Корпоративниот секретар е клучен играч  во рамките на раководниот тим на било која компанија со соодветни способности, визија и вредности, потребни  за да ја водат својата компанија и нејзините клиенти напред. Корпоративниот секретар треба да ја зголеми довербата и кај другите лица кои се засегнати од работењето на компанијата.

Предавачи на обуката ќе бидат: Љубомир Дракулевски, Декан на економски факултет Скопје;
Верица Хаџивасилева Марковска, член на Надзорен одбор на Охридска банка Скопје Сосиете Женерал груп; Кристијан Поленак, Адвокатско друштво Поленак; Ирена Живковиќ Зарева од Комерцијална банка Скопје и Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза АД Скопје

Обуката ќе се одржи во периодот од 16.05 до 20.05.2016 година. Цената за учество на обуката за едно лице е 18.000 денари, а компаниите кои ќе пријават два или повеќе учесници ќе имаат 10% попуст за секое лице. Плаќањето за учество на обуката се врши по основ на профактура, пред започнување на обуката.

Обуката се спроведува врз основа на меѓународна методологија изработена врз основа на долгогодишното искуство на ИФЦ во оваа област. Учесниците на обуката добиваат бесплатни материјали (дел на самата обука, а дел ќе бидат доставени по електронски пат по завршување на обуката) и сертификат за учество на обуката.

Пријавувањето е најдоцна до 11.05.2016 год. (среда) со реплицирање на мејл (karolina@mse) или на телефон 02/3244-670 на Комисија за хартии од вредност на РМ) или 02/ 3122-055 (Македонска берза АД Скопје). При пријавувањето да се наведе името, презимето и e-mail адресите на учесниците, како и името и адресата на правниот субјект кој ќе го врши плаќањето.