VW бара милијарда евра од поранешниот генерален директор

57

Германскиот производител на автомобили, Volkswagen бара милијарда евра отштета од поранешниот генерален директор, Мартин Винтеркорн, во чиј мандат се случила “измамата на векот“ со лажирање на нивото на издувни гасови од дизел моторите.

Во прашање е најголем износ што некогаш е побаран од еден шеф на Управен одбор во Германија. Според германските медиуми, концернот од Волфсбург го бара тој износ бидејќи толку би можел да заштеди Винтеркорн доколку реагирал веднаш штом дознал за манипулацијата, пренесува Дојче Веле.

Седумдесет и тригодишниот Винтеркорн би требало на 27-ми јули 2015 година да делува откако на еден од состаноците дознал детали околу криминалниот софтвер што бил вграден во возилата со дизел мотори.

Софтверот препознавал кога автомобилот бил на тестирање или на технички преглед, а кога на класично возење по улица. На пречистување на издувните гасови работел само во “лабораториски услови“, додека на улиците автомобилите емитувале штетни гасови неколку пати над дозволеното ниво.

Винтеркорн, иако има големо богатство, тој сепак не е милијардери и не би можел да плати толкав износ. Но, луѓето од негов ранг, чии одлуки тежат милиони или милијарди, имаат посебен вид на осигурување за ваков вид на обвиненија.

Колку што се знае до денес, VW манипулирал со вредностите на издувни гасови во околу 11 милиони дизел возила во период од 2008-ма до 2015-та година. До денес платиле 32 милијарди евра казни заради таа измама.

Фото: Pexels