Wirecard им должи 12,5 милијарди евра на доверителите

40

Германија ја тресе еден од најголемите финансиски скандали – аферата Wirecard, а според последните податоци овој германски финтек гигант на доверителите им должи 12,5 милијарди евра.

Во Окружниот суд во Минхен сè уште се води постапка во врска со стечајот на Wirecard.

Стечајниот управник на Wirecsrd, Мајкл Џеф одржа состанок со доверителите кои од компанијата побаруваат 12,5 миијарди евра. Освен парите, постојат и други барања на доверителите, но не се објавени во јавноста.

Инаку, шпанската банка Banco Santander стана нов сопственик на технологијата за плаќања на веќе пропадната Wirecard, најави Џеф.

Banco Santander ќе ја преземе технолошката платформа во Европа за 100 милиони евра, како и целиот потребен имот. Во исто време, поголемиот дел од вработените во Wirecard во одделот за набавка и издавање ќе бидат дел од глобалниот тим на Santander. Ова се однесува и на поголемиот дел од вработените во Wirecard Bank, којашто ќе биде затворена по продажбата.

Ова е најголемиот стечај во Германија, кој го надмина оној на компанијата P&R од 2018 година, којашто должеше три милијарди евра. Случајот го откри ревизорската куќа Ernst & Young во јуни годинава.

Основана во 1999 година, Wirecard некогаш важеше за една од најперспективните технолошки компании во Европа. Компанијата, која има скоро 6.000 вработени во 26 земји низ светот, објави приходи од над две милијарди евра (2,2 милијарди долари) во 2018 година. Акциите достигнаа ниво над 190 евра во септември 2018 година, истиот месец компанијата ја замени Commerzbank на германскиот список на 30 најдобри компании.

Фото: Pixabay